Катица Јанева, обвинителка од Гевгелија ќе биде специјален јавен обвинител, обврска од договорот од Пржино за надминување на политичката криза. Тоа, како што објавија дел од медиумите, го договориле рано утрово работните групи на политичките партии.
Во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, за Катица Јанева, која е партиски договор за специјален јавен обвинител, во моментов обвинител во Основното јавно обвинителство во Гевгелија, стои дека таа од личен имот има само возило Рено 5 Кампус вредно 4.000 евра, и две трансакциски сметки на кој вкупно има околу 500 евра.
Како имот на брачен другар Јанева пријавила плац од 263 метри квадратни во Конско вреден 1.000 евра и земјоделско земјиште од 20.000 евра, моторно возило Ровер 45 кое е проценето на 20.000 евра, девизен депозит од 80.000 евра, и 20.000 евра од продадени акции.
Како имот, пак, на родителите, обвинителката има две куќи со двор во вкупна вредност од 105.000 евра.Вкупниот имот на Јанева наведен во анкетниот лист „тежи” 250.500 евра.
Според информации на еМагазин, Специјалниот обвинител Катица Јанева, важи за почитувана во својата професија, иако за пошироката јавност е непозната, а според некои информации, до сега работела на мали предмети, па случаевите „прислушување„ и „Пуч“ ќе и бидат првите големи предмети на кои ќе работи.