Фото: Русија ѝ го нуди гасоводот „Тесла“ на Македонија


Рускиот дневен весник „Вједомости“ неодамна излезе со информации дека Руската Федерација на балканските земји ќе им го понуди гасоводот „Тесла“ како продолжение на гасоводот „Турски тек“, кој би се градел од турско – грчката граница до гасниот јазол Баумгартен во Австрија. Министрите за надворешни работи на Македонија, Србија, Унгарија и Грција во септември би требало да потпишат меморандум за изградба на гасоводот „Тесла“. Со овој документ, балканските земји ќе го потврдат своето учество во натамошните фази од реализацијата на крупниот гасоводен проект, пренесува Build.mk.

gasovod nikola tesla

Проценките на московски „Вједомости“ се дека гасоводот „Тесла“ ќе биде со должина од 1.300 до 1.400 километри, а неговиот капацитет би изнесувал 27 милијарди кубни метри гас годишно. Реализацијата на големиот инфраструктурен зафат би чинела од 4 до 5 милијарди евра и би завршила до 2019 година. Во лиферуваните информации се наведува дека Грција ќе ја задржи можноста да изгради еден крак од гасоводот кон Италија. Во прилог на овие планови се информациите дека капацитетот на гасоводот „Турски тек“ е 63 милијарди метри кубни гас годишно.

Од земјите во регионов, досега Турција и Грција изразија подготвеност за учество во крупниот инфраструктурен проект на Руската Федерација. Грчкиот министер за енергетика Панајотис Лафазанис неодамна изјави дека цената на грчкиот дел од гасоводот „Турски тек“ ќе изнесува околу 2 милијарди долари. Грција потпиша меморандум за реализација на проектот „Турски тек“ на неодамна одржаниот Петербуршки меѓународен економски форум.

Build.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1