Раководните структури на Фондот за здравствено осигурување не чувствуваат никаква одговорност за смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, изјави денеска Бранко Аџигогов, советник во институцијата.
– Иако на наша адреса се испратија обвинувања дека ние сме виновни за смртта на Тамара, сакам да кажам дека тоа не е така. Случајот позитивно го решивме уште во декември 2014 година, но беше потребно да се организира лекарски тим што ќе ја направи операцијата која е исклучително тешка. Бевме во постојана комуникација со родителите и очекувавме неделава да добиеме датум за операција за во Аџибадем во Турција, но за жал тогаш стаса информацијата за смртта – рече Аџигогов.
Тој објасни и дека не му се познати причините за смртта, а на прашањето дали директорите на ФЗОМ ќе си поднесат оставка во знак на морална одговорност затоа што прерано згасна млад живот, тој рече дека тоа е политичко прашање и не даде одговор.