ГАК: Лекарите не знаеле дека со тестови за „истражувачки цели“ се третирале пациентки


Клиниката за гинекологија во Скопје поднесе кривична пријава против поранешната директорка на ГАК, Марија Хаџи-Лега за злоупотреба на службената положба, од која може да произлезат повеќе кривични дела, велат од Клиниката. Поранешната директорка се сомничи дека ја оштетила клиниката за 150.000 евра поради тоа што набавила тестови за дигитална кариотипизација со кои се испитуваат аномалии на плодот. Тужбата против Хаџи-Лега е поднесена на 16 декември, лани.

Хаџи-Лега, информираат од ГАК, набавила 312 тестови, а потрошила само 22. Дисциплинска комисија за утврдување на факти проценила дека нема потреба од набавка на 312 тестови.Инаку, само еден тест чини 25.500 денари. Досега, велат од таму, „тестирани“ се само 22 пациентки, а резултатите од иследувањата не се познати, затоа што никој не е обучен да ги прочита резултатите, ниту со потпис да гарантира за наодот.

– Ниту еден од колегите акушери кои се занимаваат со таа проблематика, не биле информирани дека постои таков апарат на Клиниката, ниту пак, дека се набавени тестови за откривање на аномалии кај плодот. Дали Хаџи-Лега си ги набавиле тие тестови за свое лично научно издигнување – прашува директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска.

Таа вели дека иако има залихи од тестовите кои, доколку имало обучен кадар кој би ја работел оваа метода, може да ги покрие потребите за наредните 15 години, нивниот рок истекува во март.

Згора на тоа, на ниту една од 22-те пациентки на кое им е правено такво испитување, не им е објаснето зошто им се зема биолошка течност. За правење на ова генетско испитување, според сите протоколи, мора да има потпишано информирана согласност од брачната двојка или од пациентката.

За да се прави такво истражување, ГАК мора да има согласност и од лекарско-етичката комисија, што во случајот не е ни побарано.

– Дисциплинската комисија за утврдување на факти, пронајде повеќе аномалии во постапката, и врз третманот на пациентите, и во поглед на добивањето на резултатите од тие иследувања. Треба да се има предвид дека методата сè уште не е валидизирана, како во поглед на тестовите, така и кај апаратот. На самиот апарат има назнака дека е „Само за истражувачки цели“ – објаснува директорката на ГАК, истакнувајќи дека неговата функција не е за поставување дијагноза.

Поранешната директорка Хаџи Лега за Плусинфо вели дека досега не е официјално информирана дека против неа Клиниката има поднесено кривична пријава и најави дека во текот на денот со допис до медиумите ќе одговори на сите обвинувања од ГАК.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1