Кичевската полиција поднесе кривична пријава против Ф.Е.(47) од Кичево, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Пријавениот, пред извесно време набавил „хероин„ во вкупна количина од 2 килограми и 275 грама со намера да го препродава.
На 19-ти ноември годинава, целокупната количина ја пронајдоа оперативците од кичевската полиција кои по добиени оперативни сознанија и обезбедена судска наредба, извршија претрес во угостителскиот објект „Антика“ сопственост на пријавениот, лоциран на улицата „Гоце Делчев“ во Кичево.
Oпојната дрога била спакувана во пет пакувања односно две најлонски кеси и три пакувања облепени со кафеави самолепливи ленти врз која е извршено вештачење.
Пријавениот, во чиј угостителски објект е пронајден хероинот, е лице добро познат на службата против кого и досега се поднесувани кривични пријави по неколку основи за што бил и правосилно осудуван на затворски казни.
Макфакс