Универзитетски професор од Германија бил пријавен за илегално поседување на човечки остатоци, откако при безбедносната контрола на аеродромот „Фјумичино“ во Рим, во неговиот рачен багаж бил пронајден човечки лереп, објави италијанскиот портал „Ил Месаџеро“.
Мажот кој требало да полета за Дизелдорф, во понеделникот поминал на безбедносната контрола на Терминалот 1 каде што черепот бил пронајден во неговиот рачен багаж.
Кога бил запрашан што ќе прави со черепот, професорот изјавил дека го купил од уличен пазар во виа Џулија во Рим во неделата, и дека сакал да го искористи за научни цели. Тој платил 50 евра за черепот, кој е опишан дека е „добро исчистен и сочуван“, но без долната вилица.