Германија ја одбила екстрадицијата на второобвинетиот во „Фаланга 2“


Сојузното министерство за правда на Германија го одбило барањето за екстрадиција на Давид Шекуларац, второобвинет во судскиот процес „Фаланга 2“, потврдија за медиумите во Министерството за правда

falanga akcija apsenjeПричината за одбивањето на екстрадицијата сѐ уште не е позната, оти германските документи во моментов се преведувале. Според кажувањата на одбраната во „Фаланга 2“, барањето е одбиено бидејќи немало докази дека Шекуларац бил член на злосторничко здружување. Тој неодамна беше уапсен во Германија, но е пуштен од германскиот екстрадициски притвор и во моментов се наоѓа во својот дом во Србија, пишува Нова Македонија.

Клучниот човек во случајот „Фаланга 2“, Давид Шекуларац, кој беше посочен како најголемиот купувач на археолошки предмети од Обвинителството, според првообвинетиот Илче Бојчевски, работел на откривање на криминална група, по упатства на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски, велат адвокатите на одбраната.

Од Министерството за правда не потврдуваат дека одбиената екстрадиција е резултат на отсуство на докази.

За Шекуларац (71) и за осомничениот Коча Бошовиќ кој, исто така, е државјанин на Србија и е недостапен за органите на прогонот, во самиот почеток на судскиот процес за „Фаланга 2“, по барање на Обвинителството, беше издвоена постапката.

Како што појасни Бојчевски, Шекуларац, кој бил проценувач на културното наследство во пензија, го информирал македонското МВР дека во Србија се продаваат предмети од културното наследство од Македонија.

„Тој од службениот лаптоп на Тодоровски испраќаше огласи за артефакти, а со негова согласност беа прислушувани телефони и добивани насоки за начинот на водење на разговорите. Тој престојуваше во Македонија, а станот и храната му беа платени од МВР. Постојат фактури за трошоците, а му беше ветена и награда за операцијата „Фаланга“, којашто никогаш не беше исплатена или, пак, којзнае во чии раце заврши“, наведе тогаш првообвинетиот.

Според македонското Обвинителство, пак, Шекуларац во еден наврат за 3.000 евра купил три бронзени фигури. Во друг случај, како што се посочува во обвинителниот акт, Шекуларац за 7.000 евра купил бронзен шлем, копче-тока, копје и стрела од антички период. Обвинителството споменува и купување на мермерна и на една камена плоча, кои Шекуларац ги купил за 2.000 евра од сведокот Николов и од обвинетиот Бојчевски

Нова Македонија

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1