“Властите треба брзо да утврдат дали серијата сексуални напади и грабежи на новогодишната ноќ во Келн, од кои повеќето се припишуваат на странци, се поврзани со слични дела во другите градови”.
Ова го изјави германскиот министер за правда во интервју за весникот “Билд”.
Жалбите на жени од насилство во Келн се приближуваат до 400.
“Кога таква орда ќе се собере да врши злосторства, тоа изгледа дека е планирано. Никој не може да ме убеди дека тоа не било координирано или подготвено”, изјави Мас.
Тој не исклучи исто така да има поврзаност помеѓу нападите во Келн и нападите врз жени во други германски градови во новогодишната ноќ.
“Сите врски треба да бидат темелно проверени. Има сомнение дека бил избран конкретен датум со очекувана бројност на присутните”, рече Мас.
Во Келн веќе се поднесени 379 жалби за напади, 40 проценти од нив се за сексуални напади. Досега се уапсени 31 осомничени за испрашување, 18 од нив бегалци.
Полицијата во Хамбург исто така истражува сигнали за сексуални напади и грабежи во новогодишната ноќ при поднесени 108 жалби.
Слични истраги се водат и во Шведска и Финска.
Мас изјави дека е погрешно да се бара поврзаност помеѓу новогодишните испади во Келн и доаѓањето на над 1 милион бегалци во Германија во 2015 година.
“Се разбира дека меѓу оние над 1 милион луѓе има такви кои вршат злосторства, но нема податоци, дека бројот на кривичните дела скокнал нагло по бегалскиот бран”, рече тој.