Македонец од Гевгелија, кој една година живее и работи во Танзанија, бара мајстор – бурекчија што ќе прави бурек во оваа африканска земја. Тој нуди плата од 2.000 долари. Неговиот „оглас“ е објавен на групата на Фејсбук „Лафум гивгилиски и не са замарум“
– Живеам во Танзанија веќе 1 година, работам во казино и задоволен сум од се. Имам можност и сите дозволи да отворам приватен бизнис тука. Идејата ми е да отворам бурекчилница во Танзанија оти такво нешто тука не постои. Не ни виделе што е бурек и колку е убаво за брза храна, освен хамбургери. Државата има сè, дури и работи што ние во Македонија ги немаме, ама бурек нема. Целта на оваа порака е дали има заинтересирани за работа ,, – пишува гевгеличанецот Ристо Вегов.
Услов е бурекчијата да биде од Гевгелија, а оној што ќе се нафати да работи во Танзанија ќе добие платена авионска карта дотаму, стан, платен превоз до работа и назад, комплет документи за работа и виза за престој. Според последните информации седуммина веќе се пријавиле а гевгеличанецот ги охрабрува сите да не се обесхрабруваат бидејќи се надева дека ќе дојде време кога ќе има потреба и од повеќе работници.