Да се ликвидираат предавниците, односно сите оние што биле инволвирани во ослободувањето на малиот Ерион Зена од Сирија, е наредбата што ја издал новиот лидер на албанските џихадисти, поранешниот косовски имам Ридван Хаќифи (24), до своите приврзаници во Сирија и Ирак, како и до поддржувачите во Kосово, Албанија и во Македонија. Приштинскиот весник „Експрес“ објави дека наредбата била распределена преку затворени групи на социјалните мрежи, а што е нова пракса на комуникација на џихадистите. Предавниците тој ги нарекува „мурдити“, термин за поранешни муслимани.
– Она што тие го посакуваат е јасно: да се убијат мурдитите (збор што значи поранешни муслимани) веднаш откако ќе ја напуштат верата, пред с`, секој што помогнал во акцијата за враќање на Ерион – наведува „Експрес“.
Станува збор за лица што помогнале во враќањето на осумгодишниот Ерион Зена кого од Kосово во Сирија, без знаење на мајка му, го однесе таткото Арбен Зена. Неодамна детето ~ беше вратено на мајката. Меѓу поранешните муслимани на острел е и џихадистот Фитим Ладровци од Дреница, кој подолг период е на боиштата во Сирија. Хаќифи сега ја бара неговата глава зашто смета дека е директно вклучен во тајната акција за враќање на детето кај неговата мајка на Kосово. Според извори на „Експрес“, Ладровци не бил вмешан во оваа акција зашто не бил активен во подрачјето каде што е пронајдено детето. Успехот за враќањето на детето ~ се препишува на косовската тајна служба, која тоа го сторила во соработка со странски служби.
Инаку, новиот лидер на албанските џихасти во ИСИЛ, Хаќифи (24), е имам од Гнилане, подолго војувал во Сирија, а доаѓа на местото на Лавдрим Мухаџери (25) од Kачаник и бил еден од неговите најблиски соработници.
Ова, всушност, е прва потврда од самите џихадисти дека имаат нов лидер што индиректно ја потврдува веста дека Мухаџери е убиен. Kурдската телевизија во средината на август емитуваше вест дека Мухаџери е убиен, по што арапските медиуми објавија и фотографии на изрешетен маж, кој многу личи на Мухаџери. Неговите соборци на социјалните мрежи ја негираа веста.
„Kомандантот на Албанците во ИДИЛ, Ридван Хаќифи, кој го замени терористичкиот командант Лавдрим Мухаџери, е имам на Исламската заедница на Kосово – пишува приштински „Експрес“.
Ликот на новиот командант на албанските џихадисти е познат и по тоа што се појавува на сликата со Мухаџери кога тие ги кинат македонските и косовските пасоши.