Го барам татко ми – српскиот војник кој ја силуваше мајка ми. Таа ме роди и ме остави


Ален Мухиќ е роден во месец февруари 1993 година во Босна и Херцеговина. Неговата мајка муслиманка неколку пати била силувана од српски војник, а како резултат на ваквиот громорозен чин се родил Ален. Мајката на Ален се обидела да го абортира детето, но лекарите и рекле дека е предоцна. Таа и признала дека кога прв пат го слушнала бебето како плаче, посакала да го удави.

Ме родила и после пет минути ме оставила. Ниту еднаш не ме нахранила. Само си заминала, вака ја започнал својата потресна исповед младиот Ален кој денес има 22 години.

alen siluvana majka

Чуварот на болницата во која бил оставен Ален се сожалил за бебето и почнал да го зема со себе дома, кај сопругата и ќерките. Во болницата го враќал во текот на ноќта. За многу кратко време, целото семејство го засакале Ален како свое дете и одлучиле да го посвојат.

-Ќерките отсекогаш сакаа брат и тој сон им се исполни, изјавил чуварот Адвиј Мухиќ кој Ален го однел во својот дом во муслиманска енклава (регион, подрачје издвоено од сопствената и вклучено во друга држава) без греење и вода за пиење.

Уште во 1996 година Адвиј разговарал со новинарската екипа на “Newsweek” кои пишувале за бебињата родени за време на босанскиот виор на војната во период помеѓу 1992 и 1995 година, а во кој како плод на дури 50 илјади силувања од страна на војниците се илјадници напуштени бебиња. Сепак Адвиј вели дека и покрај начинот на кој се зачнал Ален, тој го сака подеднакво колку и своите ќерки.

-Не знам како ќе му кажам кои му се родители, но еден ден ќе морам, изјавил тогаш Адвиј.

Болната вистина дека е посвоен

Кога дошло време да му ја кажат вистината, момчето дознало од улица. Тогаш имал само 10 години, а шокот бил огромен. Тој ден бил на игралиштето со своите соседи.

-Се почна како детска кавга за неважни работи. Додека се каравме еден од соседите ми се обрати со зборовите “Ти смрдливец еден. Посвоен си. Мајка ти те оставила. Ти си четничко копиле”. Ми падна мрак пред очите. Бев посрамотен. Го удрив и со солзи во очите трчав накај дома, изјавил Ален.

По ваквото сознание, животот му станал претежок. Родителите го третирале како најдрагоценото богатство, но околината била сурова. Во тоа време, бебињата кои биле плод на воените силувања во БиХ ги нарекувале “децата на омразата”.

Една година по немилиот настан, Семсудин Гегиќ го снимал филмот “Децата на војната” во соседството на Ален.

-Одеднаш пред мене се најде дечко кој ми кажа дека животната приказна на Ален е уште посурова од мојата, се посетил Семсудин.

И така настана документарниот филм за животот на Ален. Филмот доби неколку интернационални награди, а Ален интервју за CNN, Sky News и Channel 4. Вели дека ваквата “слава” му го променила животот. Семејството добило финансиска сигурност, а тој осетил големо олеснување.

-Како да ми падна огромен товар на срам од рамениците, признал Ален.

Исповед на мајката

Екипата на Newsweek стапила во контакт и со биолошката мајка на Ален, која тогаш живеела во Сараево и која дала искрено интервју. Сепак, таа одбила да го запознае синот. Открила дека била силувана од соседот, оженет Србин откако под српска опсада паднало местото Милевина каде живееле тие.

Според нејзиното сведоштво, таа открила дека откако ќе завршел со силувањата ќе и ставел нож под врат или ќе и вперил пиштол во челото при тоа заканувајќи и се дека ќе ја убие доколку проговори за ова на некој.

-Ме силуваше неколку пати неделно, со месеци. Успеав да побегнам, но беше предоцна за абортус. Среќна сум што мојот син е жив. Тој е мојот единствен доказ. Ниедна казна не е доволна за тоа што тој маж ми го правеше, признала таа, при тоа помагајќи и на новинарската екипа да го пронајде таткото на Ален.

Но кога екипата му тропнала на врата и му ги пренела ваквите обвинувања тој се насмеал и рекол “Зошто би ја силувал? Па таа не е вредна за тоа”.

Мајката на Ален години подоцна се преселила во САД каде родила две дечиња. Таткото на Ален пак живее во источна Босна.

Кога матурирал, Ален решил дека сака да ги запознае своите биолошки родители. Наводно, нивните средби се дел од новиот филм кој се снима, а од продукцијата не сакаат да откриваат детали.

-Мајка ми не сакам да ја обвинувам, но силувачот – мојот татко заслужува само осуда. Мора да сноси одговорност за злосторството кое го направил. А тој се крие како кукавица, односно ја продава својата куќа и се отселува. За мене тоа е кривично злосторство без обзир дали е Србин, муслиман или Хрват, заклучува Ален.

Вечер.мк

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1