Сликарката Кло Мајо пред четири години го нацртала мажот од своите соништа, а нејзините желби се оствариле брзо откако го запознала.
Сликата е создадена уште во 2009 година, кога Кло (31) нацртала брадест маж во својата прегратка, но тоа била само уште една во низата нејзини слики за која не размислувала многу и која собирала прав во нејзината дневна соба.
– Почнав да ја цртам со надеж дека ќе успеам да направам убава декорација за ѕидовите. Сликата на вљубената двојка ми се виде идеална, но за тоа не размислував нешто посебно, туку цртав прво што ќе ми дојдеше на ум. Всушност, не сакав дури да бидам ниту јас со некого, но така излезе, изјави Кло.
Брзо потоа, во потрага за љубов, ја посетила интернет страницата која се занимава со спојување на двојки и таму го запознала 30-годишниот Мајкл Гоман со кого почнала да се допишува.
По два месеца допишување се запознале, а Кло се изненадила кога го видела и сфатила дека Мајкл наликува на мажот кој го нацртала.
Стравувајќи да не го загуби, Кло ја сокрила сликата под кревет и му ја покажала дури по неколку средби. За среќа, сликата не го уплашила Мајкл, а двојката започнала врска која траела 18 месеци, по што тој ја побарал Кло за жена за време на излет во Франција.
Три години по првата средба, Кло и Мајкл се венчале, а сликата денеска има посебно место во нивниот заеднички дом.
– Никогаш не би ми паднало на ум дека би можела да го предвидам сопствениот сопруг и навистина не е нешто во што би поверувала, но ете веројатно станува збор за судбина, наведува Кло.
Sitel