Големи економски очекувања за 2015-та година


Засилено вложување во инфраструктурата, економски раст на широка основа и во повеќе сектори, зголемување на приватните инвестиции од странските и од домашните компании, раст на кредитирањето, отворање нови работни места. Ова се очекувањата за новата 2015-та година на економски план. Со повеќе пари од банките кон корпоративниот сектор (последните ноемвриски податоци покажуваат дека кредитите за претпријатијата бележат годишен раст од 8,2%) се очекува дополнително раздвижување и динамизирање на економските активности, пишува Лидер.

ekonomija danok

Народната банка прогнозира раст од 4,1%

Централната банка на Република Македонија за 2015-та очекува растот на БДП да изнесува 4,1 процент. Според НБРМ, инфраструктурите проекти и приватните инвестиции ќе ја движат економијата в година.

-Оваа година економскиот раст се очекува да достигне 4%. Народната банка за 2014-та имаше прогноза за раст на БДП од 3,7%. За 2015-та очекуваме дека ќе се задржи една солидна стапка на раст од 4,1%. Важна е композицијата на растот, важно е кој го генерира овој раст.  Ние имаме објавено податоци за три квартали од 2014-та година и гледаме дека растот е широко дисперзиран во повеќе сектори од економијата. Доколку анализираме од расходна страна, можеме да видиме дека и одредени домашни фактори, во голем дел, го условуваат растот. Тоа не беше случај во претходните години, кога во голем дел, растот беше движен од екстерната побарувачка и тоа во делот на традиционалните извозни сегменти, како металопреработувачката и текстилната индустрија. Сега имаме домашни фактори, како новите капацитети во ТИРЗ и надвор од овие зони, инфраструктурите проекти од страна на државата насочени кон создавање конкурентна економија на подолг рок. Ние во нашата прогноза за 2015-та имаме дека овие фактори ќе продолжат. Од една страна е импулсот што државата го дава преку овие инвестиции, а од друга страна, втор сегмент на растот се приватните инвестиции, најавените странски инвестиции (се надеваме дека во овој процес ќе се вклучи и домашниот приватен сектор, имајќи предвид дека и кредитирањето забрзано расте во последниот период, објаснува вицегувернерката Маја Кадиевска – Војновиќ.

Главните ризици повторно доаѓаат од еврозоната, иако таму работите полека одат на подобро, како и од украинската криза. Фокусот е на нашите најголеми трговски партнери од Европа (76,8% од нашиот извоз оди во земјите – членки на ЕУ), во прв ред Германија.

Бизнисот очекува свежи пари за нови проекти

Ликвидноста ќе биде главното прашање на домашен економски план – оценува првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Однадвор ризиците доаѓаат од меѓународните прегрупирања на меѓународната политичка и економска сцена кои, по којзнае кој пат, може да се прекршат врз Балканот. Азески се надева дека целосно ќе се искористат буџетските средства наменети за инфраструктури проекти во делот на патиштата и на железницата, кои се многу важни за домашните компании, како и позитивниот деловен амбиент.

-Ако нема добра бизнис – клима, компаниите ќе ја сменат локацијата на своите бизниси, ако нема добра бизнис – клима, компаниите нема да инвестираат, да вработуваат, а во крајна линија, нема да доаѓаат и странски инвестиции. Во Македонија мислам дека не е таква ситуацијата. Ние, на нашиот пазар, имаме влез на големи странски компании кои добро се етаблираат, имаме зголемена профитабилност кај големите македонски компании, имаме постојан пораст на извозот кон ЕУ, имаме константен раст на индустриското производство, со што вршиме преструктуирање кое ќе даде резултат по пет или шест години, смета Азески.

На подобри економски резултати в година се надеваат и во Сојузот на стопански комори. Очекуваат Законот за финансиска дисциплина да ги даде очекуваните резултати за ефикасна наплата на побарувањата во 2015-та година и да се подобри ликвидноста.

-И покрај тоа што механизмот задолжница ќе продолжи да функционира само на барање на доверителот, што беше и едно од нашите барања,  ние сметаме дека нема да има никаква опасност во плаќањата меѓу фирмите, бидејќи со Законот за финансиска дисциплина, по 60 или 120 дена, зависно од договорот, должникот ќе има обврска да му ги исплати побарувањата на доверителот, смета претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Банкарите ветуваат повеќе кредити

Банкарскиот сектор во Македонија е ликвиден, со што и в година ќе има евтино финансирање – оценува првиот човек на Шпаркасе банка, Глигор Бишев.

-Она што треба да се случи во претстојниот период е растот на економијата, во голем дел, да биде воден од приватната потрошувачка и од извозот. Фискалните стимулации коишто го помагаа растот на домашната економија сè повеќе ќе му го отстапуваат местото на приватниот сектор и на извозот, а за тоа ќе бидат потребни нови инвестиции од страна на приватниот сектор, особено од малите и средните компании.  Тоа ќе треба заедно да реализираат банките и приватниот сектор, оценува Бишев.

Во 2015-та со нови инвестиции!

Во 2015-та ќе се влезе со нови инвестиции. В година се очекува да се реализираат повеќе крупни странски директни вложувања од страна на Веибо, Капкон, Гентерм, Костал, да се отворат повеќе капацитети во слободните економски зони, но и надвор од нив, во индустриските зони, како Марквард во Велес.

-Странските компании во зоните досега отворија 11.000 работни места, а со најавените странски инвестиции кои со сигурност ќе се реализираат, се очекува да се отворат дополнителни 13.000 работни места, вели вицепремиерот Ставрески.

Властите се задоволни од сработеното годинава на полето на СДИ.

-2014-та е една од најуспешните години од аспект на привлекувањето странски директни инвестиции, бидејќи и во време на неизвесни економски текови ние успешно донесовме неколку инвестиции во Р. Македонија, смета советникот за странски инвестиции, Алек Никовски.

Никовски очекува 2015-та биде уште поуспешна и да влезат нови странски компании.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1