ГОСТИВАР ОСТАНУВА БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ 


Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна, информира директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.

„Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да преземаме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините кои довеле до оваа состојба и го загрозиле здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан“, изјави Миланов на прес-конференција во Владата.

Тој информира дека инспекциските служби и денеска продолжуваат со контролите кај операторите со храна во Гостиварско, со цел да се утврдат изворот на контаминацијата, степенот на загаденост и да се обезбедат дополнителни лабораториски резултати.

Според Миланов, АХВ почнала со вонредни контроли откако добила известување од Основното јавно обвинителство Гостивар и пријава од МВР за можна нарушена безбедност на водата за пиење во гостиварскиот водоснабдителен систем.

При контролата на 16 јули во село Вруток, во соработка со Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника на МВР, било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа без одобрение биле поставени пумпи кои директно внесувале вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.

За лабораториско испитување биле земени четири мостри од различни точки – од резервоарот, каптажата, површинска вода и јавна чешма, а дополнително биле земени и нови примероци од целиот систем, вклучително и од јавни установи, градинки и угостителски објекти.

Миланов апелираше граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените институции и локалната власт во однос на користењето на водата, сè до добивањето на конечните резултати и целосно нормализирање на состојбата.

АХВ ќе преземе мерки против сите субјекти кај кои ќе бидат утврдени пропусти или непочитување на законските обврски, додека Институтот за јавно здравје треба официјално да ги достави резултатите од тестирањето на примероците.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1