По скандалот со видето на градоначалникот на Демир Хисар тој денес бара новинарите да му се извинат.
По скандалот и објавувањето на видео снимката во кое градоначалникот на Демир Хисар им се заканува на наставничките од ОУ „Гоце Делчев“ дека им се прислушуваат разговорите, денеска Стојановски со закани и до медиумите. Откако два дена беше недостапен за медиумите, денеска преку писмо се обрати до јавноста и наведе дека се работи за монтиран материјал кој е нецелосно прикажан.
„Велам монтирано видео, затоа што не е во целост дистрибуирано и прикажано, зборовите се извадени од контекст, со што се добива целосна погрешна претстава за она што јас го зборувам. Поради тоа, барам од интернет порталот lider.mk, кој прв ја објави веста и монтираното видео на 09.09.2018 година веднаш да испрати демант за тој настан, да ми се извини за мојот нарушен углед и угледот на мојата фамилија и пред надлежните органи да даде информација за лицето кое го снимило видеото, како би можело во целост да се утврди што точно сум говорел во истото. Исто така, барам од останатите пишани, електронски, аудио и видео медиуми да го сторат истото, односно да објават демант. Во спротивно, ќе поднесам тужбено барање до надлежните институции“ – се вели во реакцијата.
Стојановски уште еднаш се оправда дека се работи за снимка од јануари годинава за веќе договорена родителска средба и дека истата не претставува никаква закана кон граѓаните на Демир Хисар за престојниот референдум. Градоначалникот вчера беше повикан на распит во МВР по барање на Основното јавно обвинителство. Дополнително ќе бидат повикани и други лица за целосно расчистување на случајот.