-Во сопственост на извесен Хасан се 20-30 отсто од паркот, а и Трифун Костовски има право на уште неколку илјади квадратни метри од паркот. Токму поради нерешените имотно-правни односи не може да се реализира и “Паркот на цивилизациите”, истакна градоначалникот Трајановски
Изградбата на “Паркот на цивилизациите” во Градски парк е закочена уште на почетокот, бидејќи половина од паркот е во приватна сопственост, истакна скопскиот градоначалник Коце Трајановски, пишува Вечер.
“Паркот на цивилизациите” беше иницијатива на претседателот Ѓорѓе Иванов. Во него, според идејата на претседателот, странските амбасадори ќе може да донираат скулптури на значајни личности од своите земји. Првично овој парк требаше да биде лоциран на Калето, но подоцна беше дислоциран во паркот поради археолошкиот локалитет. Во рамки на Градски парк, “Паркот на цивилизациите” е замислен да биде некаде зад ресторанот Уранија. “Паркот на цивилизациите” треба да содржи од 40 до 70 скулптури. Во програмата која градските советници ја усвоија на седница лани, поточно, се предвидуваше во наредните две години во Градскиот парк да се уредат површини за детска игра со композиции од едукативен и интерактивен карактер, утврдување на локации за поставување на единечни скулптури, фонтани во облик на скулптура, фонтани со динамичен ефект од водени млазови и светлост, чешми за повеќе лица, единечни чешми, влезни порти, храм-летниковец, реконструкција на тоалети со летниковец, уредување на патеките, Парк на цивилизациите, хортикултурно уредување со рондели, алпиниуми, цветни леи, како и поставување на водоводна, фекална, атмосферска и електрична мрежа.