Боб Менендез, влијателен сенатор од американската сојузна држава Њу Џерси, е обвинет во секс скандал со две проститутки од Доминиканската Република, на само пет дена до изборите, јавува Миа.
Интернет новинската агенција Дејли колер разговарала со две проститутки од Каза дел Кампо, луксузен туристички центар во Доминиканската република, каде сенаторот Менендез го поминал Велигден. Тие велат дека биле повикани кај сенаторот, кој им ветил по 500 долари за сексуални услуги, но на крајот им платил само по 100.
-Тој е лажго. Едно ветува, а друго прави, рекла една од проститутките за Менендез, кој е разведен, а неодамна беше обвинуван и за неправилности во начинот на кој ја финансира кампањата.
Боб Менендез е најсилниот поддржувач на Грција во Сенатот, особено по повлекувањето на сенаторката со грчко потекло Олимпија Сноу. Тој е чест гостин на собирите на грчката заедница во Њу Џерси, и предлагач на резолуции во кои Македонија се ословува како БЈРМ и познат по барањето Белата куќа да го повлече признавањето на македонското уставно име.
Менендез на 6 ноември се соочува со тежок изборен дуел со републиканскиот противкандидат Џо Кирилос.
Њу Џерси е солидна демократска држава, но Кирилос, со поддршка на популарниот републикански гувернер Крис Кристи, е блиску зад Менендез во анкетите.
Можно е објавувањето на секс скандалот, темпирано на помалку од една недела до изборите, да ја сврти трката во полза на Кристи.
Според анкетите пред изборите, се очекува тесна борба за мнозинство во Сенатот, и двете партии се борат за секој глас во ова тело.