Грејната сезона не почна за сите, 200 домаќинства немаат парно греење


Иако вчера стартуваше грејната сезона за 50 илјади домаќинства во главниот град, радијаторите на 200 корисници останаа ладни. Имаат дефекти во инсталациите, оневозможен пристап на екипите до топлинските станици или немаат електрична енергија во потстаниците, па ќе мораат да почекаат за да ги затоплат своите простории.

Од друга страна, и за дел од домаќинствата кои се греат на дрва не почна грејната сезона. Голем број на граѓани се уште ја чекаат испораката на огревно дрво од Македонски шуми. Се работи за домаќинства кои подоцна уплатиле и ќе ги добијат дрвата до први ноември. За поажурните испораката ќе биде навремена, односно до 15 октомври – велат од Македонски Шуми.

Во услови кога температурите почнуваат нагло да се намалуваат, актуелно е прашањето, дали бил направен вистинскиот и најевтиниот избор за греење или пак потребни се промени. Иако Скопјани главно се приклучени на централно греење, има и такви за кои поекономично е греењето на дрва, на пелети, но и такви кои ќе ја искористат струјата за затоплување на домовите, особено бидејќи за некоја седмица ќе биде воведена евтина тарифа по адаптирањето на сите 800 илјади броила во земјава.

Една студија која ја презентираа Машинскиот факултет и Македонскиот центар за енергетска ефикасност на почетокот на годинава покажува дека ако сите се приклучат на централно греење во главниот град, сметките за парно можат да се намалат за 25%. На тој начин ќе се зголеми употребата на гас, ќе се намали загадувањето, но тоа ќе се случи ако приоритет за инвеститорите биде приклучок на новите згради кон градското парно, а не греење на струја. Во студијата се анализираа 12 различни начини на греење, но се покажало дека за приградските населби најекономично било користењето на топлински пумпи и клима уреди со инвертер.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1