За граѓаните, надоместокот што се бара за трансформација е многу висок со оглед на услугите што ги нуди претпријатието.
– Трансформацијата е скапа. Три илјади денари, на мојата плата од 12.000 денари, е многу. Дали да платам сметки, дали да купам јадење за дома, дали на син ми да му ги купам потребните работи за на училиште… Мојот сопруг е веќе шест години починат, сѐ е на мојот грб. Како со мојата плата да ја платам трансформацијата на гробното место – вели Наташа Костовска, носителка на гробно место во градските гробишта.
Некои граѓани што ги затекнавме на гробиштата велат дека нехигиената и немањето основни санитарни услови се исто така проблеми што мора во најскоро време да се санираат, па дури потоа да се мисли за трансформација или за каква било друга дополнителна давачка насочена кон нив.
Водата и понатаму само за миење
Надлежните од претпријатието нагласуваат дека проблемот со јавните тоалети наскоро ќе биде разгледан во градот, додека за водата истакнуваат дека, поради нејзината неисправност, на сите чешми имаат поставено табли што укажуваат дека водата не е за пиење.
– По сите бактериолошки и хемиски испитувања од надлежните државни институции е утврдено дека водата е само за техничка употреба и граѓаните за тоа се информирани со табли пред секоја чешма – велат оттаму.
Нова Македонија