Граѓаните што досега гробните места ги имаа само на користење на временски период од пет години, според Законот за гробишта и погребни услуги, од 2008 година, должни се да направат договор за трансформација. пишува Нова Македонија. Со договорот всушност се врши трансформација на статусот на старо гробно место со право на користење во рок од пет години, со доделување на употреба на гробно место како лична службеност.
grobista-butel-poplaveniВисината на надоместокот за трансформација е утврдена во согласност со советот на градот и изнесува 3.070 денари. Досега интерес за процесот на трансформација на гробните места пројавиле незначителен број граѓани, и тоа само пет проценти од оние што имаат гробни места во Бутел. Од АД „Бутел“ не појаснуваат зошто речиси никој не сака да трансформира гробно место и покрај законската обврска. Од друга страна, граѓаните велат дека не се задоволни од услугата што се дава на гробиштата, од хигиената и од инфраструктурата. За дополнителна давачка воопшто не се расположени, барем додека не се средат другите услови на гробиштата.

За граѓаните, надоместокот што се бара за трансформација е многу висок со оглед на услугите што ги нуди претпријатието.
– Трансформацијата е скапа. Три илјади денари, на мојата плата од 12.000 денари, е многу. Дали да платам сметки, дали да купам јадење за дома, дали на син ми да му ги купам потребните работи за на училиште… Мојот сопруг е веќе шест години починат, сѐ е на мојот грб. Како со мојата плата да ја платам трансформацијата на гробното место – вели Наташа Костовска, носителка на гробно место во градските гробишта.

Некои граѓани што ги затекнавме на гробиштата велат дека нехигиената и немањето основни санитарни услови се исто така проблеми што мора во најскоро време да се санираат, па дури потоа да се мисли за трансформација или за каква било друга дополнителна давачка насочена кон нив.

Водата и понатаму само за миење

Надлежните од претпријатието нагласуваат дека проблемот со јавните тоалети наскоро ќе биде разгледан во градот, додека за водата истакнуваат дека, поради нејзината неисправност, на сите чешми имаат поставено табли што укажуваат дека водата не е за пиење.
– По сите бактериолошки и хемиски испитувања од надлежните државни институции е утврдено дека водата е само за техничка употреба и граѓаните за тоа се информирани со табли пред секоја чешма – велат оттаму.

Нова Македонија