Пожарникарите низ цела Грција се борат со околу 80 пожари кои предизвикаа помала материјална штета, а едно лице е полесно повредено, јави дописникот на МИА од Атина.
Грчките власти соопштија дека повеќето пожари се под контрола, меѓу кои и најтешкиот во преградието на Коринт, околу 80 километри југозападно во Атина, каде беше повреден еден пожарникар. Во овој пожар беа оштетни една куќа, автомобил и повеќе хектари маслинови дрва.
Според последните информации, пожари горат на неколку локации во регионот Атика, на полуостровот Пелопонез и во централна Грција, но моментно ниту една станбена зона не е загрозена.
Пожарите избувнаа по првиот топлотен бран што ја зафати Грција од 24 јуни. Пожарникарите до сега не пронајдоа никакви докази дека огновите се подметнати.