Ги гледам се мачат. Се мачат од петни жили да одработат, да наштетат, да исконструираат нешто. И се нешто се закануваат, се силат, се удираат во гради. Колку тоа срамно изгледа.
Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски, потенцирајќи дека однесувањето на опозициската партија покажува многу јасно дека тие се крајно исплашени, дека се конфузни, дека се во хаос, затоа што сфаќаат дека ова не им проаѓа, и покрај сето нивно силење, и покрај агресијата што ја демонстрираат, тоа се само ситни души кои тргнаа против сопствениот народ и сопствената држава и ништо повеќе од тоа.
-Тие знаат дека се прочитани. Но мораат да се храбрат, па така ги слушаме најавуваат се и сешто, па долго ќе траело, па ќе држеле собири низ градови и ќе настапувале порадикално, ова Заев се силел пред неговите неодамна, па којзнае што ќе објавеле и ние демек од тоа треба да се уплашиме и да прифатиме дека со сечените, монтираните и креирани телефонски разговори, ние треба да се повлечеме и на соработникот на странските служби, без избори и народна волја да му ја дадеме државата да ја раководел и да ги решавал големите прашања, а на странската служба да и го направиме меракот и да и ја реализираме целта. Ние знаеме што правите и за кого и за чии интереси работите! Народот не ви се плаши, народот ве прочита и ова не ви поминува! Македонија знае да ја препознае разликата и да види што правите!, рече премиерот.
Груевски подвлече дека мора сите да бидеме максимално присебни и да не дозволиме да го направат финалето за кое оваа нивна операција е измислена. Да не дозволиме да не закрват ниту по политички ниту по верски и етнички линии.
-Тука мора сите заедно да помогнеме во тоа. Да се разговара со нашите соседи, пријатели, со сите наши сограѓани, да не дозволиме да успеат во сценариото што тие го исконструирале. Институциите ќе направат максимум такво нешто да не се случи и стабилноста да опстои. И ќе опстои. Замислете Зоран Заев се обрати до членовите на ВМРО-ДПМНЕ минатиот пат. Еве ве прашувам дали сакате вие да му се обратите на него? Македонија го дава својот одговор, овој одговор го слушаат сите, секаде. Народот е наша страна и тоа е нашата најголема сила. Да живее Македонија!, заврши Груевски.