Никола Груевски најави повлекување од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. По 14 години како лидер, претседателот на најголемата опозициска партија во интервју за Курир вели дека оставката ќе ја поднесе пред органите на партијата. Очекува на вонреден конгрес да биде избран нов претседател.
– Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка. Партијата, согласно статутот ќе оргазнизира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализта на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа го мислев и тогаш на 15ти октомври вечерта, но заради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега, и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, и можам да го кажам и најдиректно и понепосредно.Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности. Покрај ова се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната полтичка атмосфера, вели Груевски во интервјуто за Курир.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, апсењата и притворите за случувањата од 27 април се конструкција од највисок ранг и целта е да се удри по ВМРО-ДПМНЕ и да се ослаби нејзиното влијание. Вели дека ова што се прави е класичен политички и партиски реваншизам и дека самиот случасј има неоснована квалификација – тероризам.
– Со овој чин, и официјално Македонија доби режим. Се притворија луѓе уметници, актери, режисери, оперски пејачи, архитекти, кои оружје како емитација можеби виделе само во театарска престава или филм, а добија квалификација на терористи. Апсурд. Поранешниот министер за внатрешни работи се стави во притвор со луѓе опасни по неговиот живот, и со претрпен инфаркт и операција на срцето направена пред 3 месеци.Заедно со него притворени се и некои негови соработници и професионалци од полицијата кои неприфатиле да прават лажни записници и да даваат лажни изјави. Безмилосно. Целосно лудило, вели Груевски.
За поранешниот премиер и се уште прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, времињата ќе се променат и еден ден СДСМ ќе се кае за тоа што го прави сега.