Со американскиот потпретседател Џо Бајден разговаравме за политичкиот договор, реформите во повеќе сфери, економијата и економската соработка, безбедносните предизвици, членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија, изјави премиерот Никола Груевски доцна вечерва по македонско време по средбата во Вашинготн. Тој изјави дека Америка и е партнер на Македонија и дека таа соработка ќе продолжи и во иднина, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ.
„Со господинот Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното гледање до сега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците, изјави Груевски по средбата, пренесува МИА.
Премиерот Никола Груевски пред средбата со Бајден, имаше средби и со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, како и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.
Претходно американската амбасада информираше дека средбата меѓу премиерот Никола Груевски и американскиот потпретседател Џо Бајден е по барање на македонската влада.
„Владата на Република Македонија барала премиерот Груевски денеска да се сретне со потпретседателот на САД, Џо Бајден за да разговараат за спроведувањето на договорот од Пржино, за безбедносни како и за останати прашања од заеднички интерес“, одговорила американската амбасада на прашањето на телевизијата Алсат на чие барање се одржува средбата.