„Јас опстанав и ќе опстојувам понатаму во политиката. Некогаш со помалку, некогаш со повеќе гласови. Но ти си дојден во политиката со крвта на млади луѓе“, му порача лидерот на ДПА Мендух Тачи на првиот човек на ДУИ Али Ахмети вечерва на стартот од претседателската кампања на нивниот кандидат Илјаз Халими од скопски Чаир.
Од холот на училиштето „Адем Јашари“ Тачи пред неколку стотини граѓани побара од Ахмети јавно да им се извини на сите Албанци затоа што, како што додаде, со гласовите на ДУИ во 2009 година Ѓорге Иванов стана претседател.
Лидерот на ДПА отворено ги побара гласовите за Халими од Турците, Бошњаците и другите од муслиманската заедница со цел единствениот кандидат од албанскиот политички блок да влезе во вториот круг на изборите.
Илјаз Халими на стартот од кампањата порача дека ќе биде претседател на сите граѓани. Тој рече дека ќе се заложи да се спречат политиките на етнички поделби.