Околу 14 часот денес се случи голема тепачка во центарот на Охрид во непосредна близина на градското пристаниште.
Според очевидци во инцидентот учествувале околу 50-тина млади луѓе, неофицијално, членови на навивачките групи Куманово и МЗТ Скопје, пренесува локалната „Спектра Тв“.
Очевидците велат дека летале камења, но за среќа, поради брзата интервенција на полицијата, бил спречен поголем инцидент.
ОД СВР Охрид го потврдија инцидентот и рекоа дека полициски службеници кои се наоѓале во непосредна близина успеале веднаш да реагираат.
Во полициска станица се приведени десетина лица од двете страни, се работи на нивна идентификација и на утврдување на причините за инцидентот. Оштетени се и неколку возила кои се наоѓале во непосредната близина на инцидентот.
Сличен инцидент помеѓу две навивачки групи се случил и синоќа во Охрид по што исто така биле приведени неколку лица во ПС во Охрид.
Во Охрид деновиве се одржува кошаркарскиот Куп на Македонија.