Гордо облечен во својата униформа покрај неговата бремена сопруга, ова е Александар Прохоренко, херој, рускиот Рамбо кој храбро повика на воздушен напад врз себе за да ги уништи терористите на Исламската држава кои го опкружуваа.
Заробен зад непријателските линии, опкружен со џихадисти и без можни начини за бегство, 25-годишниот Александар Прохоренко, донесе одлука да стави крај на својот живот повикувајќи ги руските воени авиони да ја уништат неговата локација, пренесува Дејли меил од Новости Оренбурга.
Војникот на специјалните сили, на тајна мисија во античкиот сириски град Палмира, е прогласен за херој во неговата родна Русија.
Сопругата Екатерина која е бремена со нивното прво дете, откри дека не знаела дека тој се бори во Сирија.
Кога заминал од дома на својата последна мисија пред два месеца, сопругата Екатерина верувала дека тој ќе биде распореден во рускиот регион на Кавказ, а не во упориштето на ИСИС каде што идентификувал цели за бомбардирање.
Според сеќавање на пријател на Фејсбук, Александар рекол дека се чувствува како „најсреќниот човек на светот“, кога двајцата се венчале пред 18 месеци. „Неговиот глас трепереше кога рече дека се што посакал му се остварило“.
„Тој сакаше да служи во армијата и стана војник, тој сакаше да има најдобра жена на светот, и таа беше тоа“.
Откако ја завршил Воената воздухопловна академија, сонот за воена кариера Прохоренко го оставрил кога го примиле во вооружените сили на Руската Федерација, веднаш по напуштањето на школувањето.
Неговите двајца браќа исто така се во руската војска, а тој, се верува дека служел во специјалните сили, иако Москва допрва треба да го потврди ова.
Медиумите на ИСИС минатата недела тврдеа дека пет руски војници од специјалните сили се убиени во близина на Палмира, за што споделуваа слики и видеа на тело од убиен војник.
Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков негираше во тоа време дека руски војници биле вклучени во ослободувањето на Палмира, која беше под контрола на ИСИС од мај 2015.
Министерството за одбрана во Москва, соопшти дека руските авиони извршиле 146 напади врз „терористичките цели“ во областа Палмира меѓу средата и неделата.
Војникот бил на извршување на борбена задача во областа Палмира една недела, на идентификување на клучни непријателски цели и давање точни координати за нападите на руските авиони.
Пред неколку дена ги видовме на фотографии сириските трупи на Башар ал Асад како влегоа во древниот град Палмира.
По смртта на Прохоренко, рускиот воен портпарол рече: „Еден војник на руските сили за специјални операции беше убиен во близина на Палмира при извршувањето на посебна задача на усмерување на руските воздушни напади на цели на групата Исламска држава.
„Војникот умре како херој, тој ги навлече бомбите врз себе откако бил лоциран и опкружен со терористите“.
Наталија Мешкова, директорка на средното училиште во Городки каде тој матурирал во 2007, рече: „Целото село е во жалост“.
„Никој не знаеше каде Саша [Александар] служи. Имаше гласини дека тој е во тајните трупи“.
„Тој матурираше со сребрен медал. Но, во Воената академија го освои златниот медал. Тој беше гордост на неговите родители“.
Неговиот поранешен учител, Петар Русинов рече дека бил вреден ученик и дека нема да може да се прифати дека тој веќе не е со нив.
Тој додава:„Војската вели дека ќе биде прогласен за херој на Русија“.
Неговото тело сѐ уште не е префрлено во Русија, но тој ќе биде погребан со целосни воени почести.
Се верува дека претседателот Владимир Путин лично ќе го предаде на семејството највисокото признание во земјата со кој Саша Прохоренко постхумно ќе биде прогласен за херој на Русија.