„Масовно труење во воден парк! Холанѓани разболени во аква-парк во Македонија“. Со ваков наслов вчера излезе холандскиот весник „Де Телеграф“, кој објави дека голем број холандски туристи на Охридското езеро заболеле „до смрт“, и наместо да се излежуваат покрај базенот или плажата, лежеле во своите соби. Инаку, станува збор за хотелот „Изгрев“, кој се наоѓа на струшкото крајбрежје.
– Од мистериозен вирус заболеа две третини од гостите сместени во луксузниот хотел Изгрев -спа и аква парк. Слушнав од мојата ќерка, која е сместена таму. Трпезаријата е речиси празна. Секаде на масите луѓе седат сами, затоа што остатокот од нивните придружници лежат во кревет – изјавила за весникот Рина Топ Брауер.
Симптомите биле повраќање и дијареа.
Атолај Услу, извршен директор на агенцијата „Корендон“ информира дека 332 луѓе (од околу 700), од Холандија биле транспортирани до хотелот и дека 20 луѓе биле третирани, од кои голем дел во болница. Според него, нагласувајќи дека тој не е доктор, има врска со „нешто во базенот”, пишува весникот „Де Телеграф“.
Од хотелот „Изгрев“, во изјава за „Слободен печат“ ги демантираат информациите дека причината за заболувањето кај холандските туристи е кај нив.
– Нема никакво труење. Извршени се тестирања и на базенот, на водата за пиење и на храната. Сѐ е чисто кај нас. Станува збор за стомачен вирус кој овој период владее во охридско-струшкиот регион и има многу заболени и сместени во болниците. Медицинскиот центар е преполн. Имаме извештај од болницата дека во Струга и Охрид владее некој стомачен вирус – изјавија од хотелот.