Нередовно се исплаќаат хонорарите, се плаќаат придонеси за здравствено осигурување, но не можат да го користат, а она што го уплаќаат за пензиско осигурување нема да им обезбеди пензија, велат хонорарци, и претставници на граѓански здруженија и на независни синдикати,пишува Плус Инфо
Хонорарците, пак, го потенцираат фактот што и покрај тоа што плаќаат придонес за здравствено осигурување не можат да користат здравствена заштита.
– До пред некое време бев осигуреник на здравстеното на жена ми, но сега морам да го плаќам самиот. Хонорарот доцни, но и да не доцни јас придонесот го плаќам за претходниот месец, а здравственото треба да го користам во тековниот и ако имам потреба од здравствена заштита сега морам да платам приватно иако плаќам придонес. Упатив прашање до Фондот за здравствено осигурување, но се уште немам одговор – вели хонорарец.
Здравствената заштита е проблем за хонорарците кои повремено работат, бидејќи процедурата станува сложена кога треба да се пријават како невработени, па повторно како хонорарци.
– Предлагачот на законот овој проблем го заборавил и не мислел на ангажманот на администрацијата и нејзината бавна реакција. Така во иднина ќе се случува луѓето кои поради неколку хонорари ќе треба да бидат избришани од невработени да го изгубат здравственото осигурување и тешко потоа ќе го добијат како невработени или сеедно како повторно ангажирани хонорарци – вели претседателката на синдикатот на новинари Чаусидис.
Plus Info