Реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делечев“ се одложува за наредната есен, гласат последните најави на владата. Студентите и овој семестар ќе продолжат да живеат и учат во неподносливи услови.
Реконструкциите и подобрувањето на условите во студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе продолжат веднаш по завршувањето на изборниот процес, најави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Во изјава за Радио Слободна Европа, претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски, вели дека е јасно дека во Студентскиот дом Гоце Делчев треба да се изврши санација и оти тие постојано вршат институционален притисок за тоа да се случи.
„Мислам дека актуелизирањето на оваа тема, што е проблем со години, не само на оваа, туку и на претходните влади, мислам дека е од политички причини. Она што ние го правиме како Студентски парламент е постојано да вршиме институционален притисок за да може да се реши проблемот со студентските домови и конкретно со Студентскиот дом Гоце Делчев и мислам дека ќе имаме позитивен ефект од сето тоа“, вели Спироски.
Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се сместени околу 1200 студенти. Велат, ако сакаме основни услови за живот од дома си носиме голем дел од работите, сами си ги бојадисуваме собите, но не сме моќни да се бориме со влагата која се појавува по ѕидовите и плафоните од цевките за довод, одвод и парното греење. Храната е ладна и еднолична, а бањите се најлошиот дел, констатираат студентите, топла вода има, ама староста на објектот си го направила своето.