Никола Бориќ има 38 години, роден е во Запрешич и пропатувал насекаде низ светот.
А откако некогаш престојувал во хотели со седум ѕвездички, денес живее во два квадрати во сламено дрвена куќарка во дивините на шумата кај селото Кокочак во близина на Ораховица, пишува Гласот на Славонија.
Никола е дипломиран кинезиолог кој работел со бројни успешни спортисти, благодарение на што видел делови во светот за кои многумина сонуваат.
„По завршување на студиите се занимавав со триатлон, бев репрезентативец на Хрватска осум години. После тоа бев тренер, тренирав многу Хрвати, подоцна заминав надвор од државата и подготвував спортисти во 20 различни спортови. Во Хрватска создадов прваци во 30 различни спортови. Потоа почнав да работам за еден американски менаџер и отидов да работам во Мароко со победникот на Дијамантската лига на 1500 метри, работев со повеќе од 100 Етиопјани, со Кенијци победници на маратоните во Њујорк и Париз, а после тоа работев за турската и азербејџанската атлетска репрезентација“, раскажува Бориќ.
Додека сето ова го работел, Никола ги пропатувал сите континенти и живеел на висока нога, но тоа не го правело целосно среќен. Тоа што сакал било душевен мир и затоа сето наведено го оставил позади себе. Сопствената компанија вредна неколку милиони долари во Кина, ја подарил на пријател за роденден и тргнал да го пронајде своето место под сонцето.
Откако со години барал идеална локација по целиот свет, најпосле одлучил да се смести во селото Кокочак.
„Дивината ме влечеше цело време. Речиси девет години барав локација според моите желби. Барав место во шума со извори на вода, потоци, место каде нема луѓе. Овде сето ова го најдов и сега секој ден ме води срцето и молитвите. Можеби ќе си заминам денес попладне, а можеби ќе останам засекогаш – така всушност изгледаат моите планови“, објаснува Никола.
А освен што ја сака самотијата и живее спротивно од трендот на модерното општество, има и необичен режим на исхрана: „Во принцип, храна не ми треба, мојата мачка јаде повеќе од мене. Се хранам од други извори, редовно се молам и медитирам, од четири до шест часот секој ден, и тоа ми е храна. Се капам во потокот. Еве, сега во текот на зимата, од селото добив када , па под неа надвор наложувам оган, ставам вода и се бањам во топла вода“.
Што се однесува до плановите за иднината, со нив не се оптоварува, а изгледа дека овој начин на живот, колку и да е чуден за просечениот човек, него во целост го исполнува. „Се обидувам да живеам самоодржливо, планирам да направам некоја градина, во склад со природата и животните, значи некој ограничен број на животни, да не се уништуваат природата и растенијата. Но велам, денес живеам во оваа природа, опкружен со диви животни и некако сепак мислам дека овде ќе живеам засекогаш“, заклучува Никола.