Невообичаен снег, лапавица и леден дожд денеска ги зафатија јужните американски сојузни држави, што доведе до затворање на училиштата, откажување на летовите и појава на голомразица на патиштата.
– Студениот бран, што ги зафати јужните држави, е дел од арктичкиот фронт, поради што властите во североисточните сојузни држави и во државите од Големите Рамнини предупредија за опасни мразови. Во некои од тие реони температурите можат да се спуштат и до минус 34 степени Целзиусови, соопшти Националната метеоролошка служба.
Зимската бура се прошири и до јужната држава Лујзијана и на бреговите на Мексиканскиот Залив до северните делови на Флорида, како и Џорџија, Северна и Јужна Каролина.
Поради обилните снежни врнежи во јужни држави беа откажани околу 3.000 летови, а најпогоден беше меѓународниот аеродром Хартсфилд-Џексон во Атланта.
Поради невремето во Лујзијана е прогласена вонредна состојба, а власите во Мисисипи, Алабама и Флорида издадоа предупредување за бура во повеќе окрузи и апелираа до жителите да останат дома.