Библиска поплава го зафати Скопје на 16 ноември 1962 година. Неполна година потоа се случи катастрофалниот скопски земјотрес од 1963. Ретко кој град во светот за толку краток период доживеал толку несреќи. Деновиве, големите поплави на Балканот, како и дождот и невремето што го зафатија Скопје, нè потсетија на катаклизмичните слики од поплавата која се случи пред повеќе од половина век. За земјотресот знаеме повеќе, но за поплавата многу малку, бидејќи за неа не е многу пишувано. Што, всушност, се случи во Скопје на 16 ноември ноември 1962 год, пишува Вест.
И поплавата и земјотресот, иако во различни години, беа во ист ден – петок! Пред поплавата, поројни дождови врнеа подолг период. Тој кобен ден, Вардар започна да се излива и да ги поплавува околните маала и улици. Во првиот удар, најзагрозени беа Идадија, маалата покрај реката, како и Плоштадот со центарот на градот.
Сите улици околу центарот беа поплавени: Орце Николов, Илинденска, Ленински Комсомол, Гоце Делчев, водата на улицата Маршал Тито, денешна Македонија, се проби дури до киното “Култура”. Поплавени беа Офицерскиот дом, Главната пошта, Народната банка, Стоковната куќа, Ристиќевата палата, Народниот театар, пасажот Ароести, хотелот и ресторанот “Македонија”, “Пелистер”…
Околу Градскиот стадион се оформи цело езеро, Кејот беше под вода. И она што е помалку познато, зафатени беа и општините Кале и Саат-кула на левиот брег од реката, а улицата Цветан Димов претворена во река. Избиваа подземните води, се излеа реката Серава. Тогаш се случуваа драматични ситуации за спасување на домовите, покуќнината и на она што е најскапоценото – човечките животи.
На улицата Орце Николов се одвиваше вистинска драма. Една мајка безуспешно се обидуваше да ги спаси своите деца, кои се наоѓаа во сутеренската просторија, во која не може да се влезе. Децата беа искачени на масите, бидејќи водата продираше сè повисоко, движејќи се полека кон плафонот. Наеднаш, еден војник од спасувачката екипа запре со камионот “бенц”. Истрча, и со голи раце ја откорна железната решетка на прозорецот. Во раце ги крена двете деца и ги изнесе надвор од куќата.
Фрапантен е податокот дека на одделни места во градот, водата достигнувала ниво од 1,5 дури до 3 метри!
Поради големите води, родителите не можеа брзо да дојдат до училиштата ниту децата да се вратат дома. Една учителка, нејзините ученици безбедно ги однела во својот дом. Спасувачките екипи заскитаните деца ги носеле во разни прифатилишта. Утредента, весникот “Нова Македонија” ги објави имињата на сите деца кои беа во прифатилиштата, за да можат родителите побрзо да ги пронајдат. Постојат податоци дека многу мајки со бебиња во рацете биле спасувани во настанатиот хаос.
Во првиот удар од поплавата беа урнати околу 1.050 куќи, а 4.445 граѓани останаа без покрив над главата. Подоцна, таа бројка се зголеми. Документацијата на “Вардар-филм” беше речиси уништена.