Коалицијата на опозицијата, предводена од СДСМ, полека се распаѓа, смета поранешниот претседател на Собранието и почесен член на Либералната партија (ЛП), коалициски партнер на СДСМ, Стојан Андов, во најновиот број на неделникот „Фокус“.
Во текстот Андов вели дека погрешната политика на Бранко Црвенковски сосема ја изгубила поддршката од меѓународната заедница, а нејзините претставници сѐ поотворено се оградуваат од аргументите за бојкот на парламентот и на изборите. Овие ставови во СДСМ ги релативизираат, нагласувајќи дека Андов е само пензионер, а претседателот на ЛП, Ивон Величковски, донел одлука да остане во опозициската коалиција.
Андов смета дека е потребно Црвенковски да се повлече и да остави друг да го организира конгресот на СДСМ во мај.
– Политичкиот простор на Црвенковски му се стеснуваше од час во час и тој само со полуинформации или сосем неточни информации го одржуваше единството на раководството на СДСМ за поддршка на бојкотот на изборите и за поднесување писмени оставки на пратениците од опозицијата. Таа политика ги одведе СДСМ и целата коалиција во целосен ќор-сокак. Факт е дека се многу нејасни и изјавите што Црвенковски ги дава овие денови. Од нив не се гледа дали тој воопшто знае како ќе се излезе од оваа криза – пишува Андов.
Ваквите пораки од поддржувачот на опозицијата Стојан Андов, доаѓаат во незгодно време за СДСМ и за нејзиниот претседател Црвенковски, особено откако Стевчо Јакимовски реши да се кандидира на локалните избори наспроти одлуката на партискиот лидер.
Сепак, во СДСМ велат дека однесувањето на Величковски не е исто со она на почесниот претседател на партијата Андов и дека тој нема намера да ги следи чекорите на Јакимовски.
Потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека секој може да го каже својот став, но Стојан Андов е пензионер и неговите ставови воопшто не се исти како ставовите на претседателот на ЛП, Ивон Величковски.
Извор Нова Македонија