Листата на пратеници се менува по влегувањето на шестмина народни избраници од СДСМ во извршната власт и по откажувањето од пратеничкиот мандат на Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ.
Според практиката, на нивно место во законодавната власт влегуваат наредните од листите за пратеници во Собранието.
На местото на Дамјан Манчевски, кој е кандидат за министер за информатичко општество и администрација, влегува Лилјана Поповска од ДОМ, која на листата на коалицијата на СДСМ во првата избора единица е на 11-то место. Во „кецот“ на местото на идната министерка за образование Рената Дескоска, доаѓа кадар на ЛДП, Никица Корубин.
Од втората изборна единица Оливер Спасовски е кандидат за министер за внатрешни работи, а следниот од листата за пратеници е Мирослав Јовановиќ, а од третата изборна единица на местото на Љупчо Николовски, кој е кандидат за министер за земјоделство, во Собранието ќе влезе Славица Шуманска – Митева.
Сашко Атанасов од листата на изборната единица 4 доаѓа на местото на идниот премиер Зоран Заев, а новата министерка за одбрана Радмила Шекеринска која стана пратеничка од ИЕ5, собраниското столче го испразнува и на него ќе седне Бети Рабаџиевска – Наумовска.
Откако вчера Тодоров се откажа од пратеничката функција, следен кандидат од пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во изборната единица 2 е Невенка Стаменковска.