Игор Митровиќ неодамна го промовираше видео записот за нeговата последна песна “Summer stereo”, но не престанува со работа. Најавува дует со позната македонска пејачка и забрзано работи во подоготовка на првиот албум. Не му пречат скопските горештини и ужива во топлото време, а би сакал да отиде на одмор во Бора Бора.
“Summer stereo” е насловот на твојата најнова песна. Кои се главните виновници за “Summer stereo”?
Игор: Главен виновник за песната “Summer stereo” е Daveman, продуцент и изведувач од Берлин, Германија со кого воедно и ја испеавме оваа песна.
Како дојде до оваа соработка?
Игор: Пред 2 години, во Турција на фестивалот Чешме јас ја претставував Македонија, додека тој Германија. Како на сите фестивали, така и на овој имаше одлична дружба помеѓу сите нас, учесниците на фестивалот, каде што со Daveman си бевме фаворити меѓусебно, тој ми беше на мене, а јас на него. Веднаш после првата генерална проба, тој ми ја даде идејата да снимиме заедничка песна – дует, која што тој ќе ја направи. Мене ми се допадна идејата и остана на тој разговор. Веќе после оваа Нова Година ме исконтактира Daveman и неговиот тим и ми кажаа дека сакаат сега ова лето да ја оствариме нашата договорена соработка и ми пушти демо верзија од нашата песна “Summer Stereo”. Од прв пат ми се допадна и ми влезе во уво, и цел ден неможев да ја извадам песната од глава. Ја прифатив соработката и така дојде до реализација на оваа песна. 🙂
“Summer stereo” доби и свој видео запис. Интересно е што самиот си одговорен за крајниот резултат на спотот работен по твоја замисла и со твоја монтажа. Тешка ли беше улогата на режисер и монтажер?
Игор: Уште пред да ја снимиме песната со Daveman бевме договорени дека оваа песна мора да добие свој видео запис, но не беше ништо прецизирано во однос на тој кој ќе ни го работи спотот и каде би се снимал. Тука мене ми се поклопија многу коцки, бидејќи оваа година ги завршував студиите на факултетот за Дизајн и мултимедија при Универзитетот ФОН каде што требаше да одберам тема и предмет за мојата дипломска работа, а одамна посакував да можам самиот да си направам спот.
Го одбрав предметот по мултимедија кај проф. Игор Шокаровски да ја одбранам дипломската со тоа што темата ми беше видео запис за некоја песна. Токму затоа ми се поклопија коцките, бидејќи ми излезе одлична можност да вклопам две задоволства во едно. Мислам дека со поголемо задоволство не можев да ги изработам двете работи. 🙂 Со тоа сакам да кажам дека не ми беше воопшто тешко да бидам во улога на режисер, ниту монтажер. Јас режијата во глава ја имав уште прв пат кога ја слушнав песната и веднаш седнав да го направам сторибордот. Додека монтажата е посебно интересна работа. Се изгубив во времето и просторот додека го монтирав. Како мој прв изреализиран спот сум презадоволен од тоа што можев да го изработам и да го понудам на мојата публика. Воедно ја положив и дипломската работа со овој спот, а моите професори беа навистина презадоволни.
Кога веќе навлезе во тие води, да очекуваме ли некој твој иден ваков ангажман? Можно е ли да те видиме запишан како одговорен за видео запис на некој од твоите колеги пејачи?
Игор: Зошто да не?! Пресреќен сум што повеќето колеги ме исконтактираа и ми кажаа дека се многу задоволни од тоа што сум го направил. Имав веќе неколку преговори за да изработам спотови за некои од моите колеги, но да не избрзувам однапред, не сакам ништо да откривам. Ќе видиме што ќе покаже времето. Но, конкретно да ти одговорам на прашањето, да, секако дека со задоволство би направил видео запис за некој од моите колеги/колешки.
Во моментов одговорен си за дизајнот на весникот Живот и здравје. Заедно со музиката може ли и оваа работа да биде квалификувана како уште една твоја љубов?
Игор: Можам да кажам дека сум пресреќен и презадоволен што веднаш после моето дипломирање на факултет, најдов работа која што целосно ме прави среќен и задоволен. Како што кажа, работам во весникот “Живот и Здравје” како графички дизајнер и технички уредник. Уживам додека ја работам оваа работа и секој ден одам со задоволство на работа, каде што можам да кажам дека тие 8 часа работно време, мене ми минуваат како 1 час. Со душа го чекам наредниот ден да дојде, за повторно да одам на работа. 🙂 И двете- музиката и дизајнот ми се огромна љубов. Тоа е уметност, без која јас не можам. Секогаш велам и се водам по онаа поговорка: “Кога се сака, се се може”.
“Summer stereo” беше како создадена најава за одлично топло лето. Како ги поднесуваш скопските горештини?
Игор: “Summer stereo” е најава за топлото лето, точно, со тоа што носи порака каде и да сте, со кој и да сте, да уживате во летото. Јас лично, супер се справувам со летните горештини, бидејќи сум тип кој што не сака ладно, и го обожава топлото време.
Иако нема да одам на одмор, си го организирам времето во однос на временските услови како да се оладам на овие горештини. Баш онака како што препорачува песната “Summer Stereo” – “Turn up the radio, this is summer stereo, take the sun with you wherever you may go” 🙂
Како би изгледала сликата на твојот идеален летен одмор? Која е твојата омилена летна дестинација?
Игор: По ова прашање, не сум многу скромен и ќе кажам дека од секогаш сум сакал да одам во Бора Бора. J Тоа ми е едно од омилените место за одмор. Се надевам дека еден ден ќе имам прилика да отидам таму и да се одморам на оној вистински начин со моите пријатели и фамилијата, каде што би си го распределил времето за журки, авантури, а посебно за одмор каде што ќе уживам. Тоа за мене би бил идеален одмор. А до сега кај што сум бил и каде што сум си поминал најубаво, можам да ја издвојам Турција, каде 14 дена уживав во убавините на Чешме.
Што ново да очекуваме од тебе? Фестивали, нови песни, албум..?
Игор: Не сакам да ги откривам работите од пред време, но можам само да најавам дека периодов сум во подготовки на дует со наша македонска пејачка за еден од македонските фестивали. Моето првенче – албум, се надевам дека ќе излезе до крајот на оваа година, па мојата публика ќе може да ужива во него. 🙂