Името ќе се менува со 4 амандмани, собраниската седница закажана за 1 декември


Во Уставот ќе се интервенира со четири амандмани, а дел од измените ќе биде и Охридскиот договор. По вчерашната средба со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „за“, премиерот Зоран Заев најави дека може да има повеќе од 4 амандмани, зависно од барањата на пратениците. Сепак како и што беше најавено на почетокот на процесот, ќе има само четири амандмани.

Првиот амандман се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот.

Постигнатиот договор беше потврден и од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно од осумте пратеници кои гласаа за потребата за уставни измени, а потоа беа исклучени од опозициската партија.

Гаранција за зајакнување на македонскиот идентитет, постепена промена на името за внатрешна употреба и поништување на уставните измени доколку договорот не биде ратификуван од страна на Грција. Овие барања на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Владата ги вметна во нацрт-амандманите. Задоволни од соработката, осумтемина пратеници повикаа на обединување на народните избраници за што поскора евроинтеграција на Македонија.

И по поднесувањето на нацрт-амандмани, двете најголеми политички партии остануваат на веќе познатите ставови. СДСМ и денеска ја повика опозицијата да се вклучи во процесот за промена на Уставот со кој се обезбедува европската иднина на земјата. ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема намера да оди спротивно на волјата на граѓаните.

Инаку, претседателот на Собранието, Талат Џафери за 1-ви декември ја закажа пленарната седница за уставните измени. На 7-ми ноември пак, ќе се одржи седница на Комисијата за разгледување на амандманите. Во текот на денот во собраниската архива пристигнаа и амандманите на Владата. Денеска истекува рокот за доставување на предлог – амандмани. Секој амандман треба да помине низ собраниските комисии. Според Деловникот, од денот на доставување на амандманите во Собранието, па сѐ до пленарната седница треба да поминат најмалку 30 дена. По усвојувањето на амандманите, за чие гласање е потребно просто мнозинство (61 глас), конечната одлука треба да биде изгласана од најмалку 80 пратеници. Според максималните рокови, се очекува уставните измени да се усвојат на средината на јануари следната година.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1