Група информатичари од невладината организација „Слободен софтвер“ создаваат „метео сензор кутија“, независен уред за мерење на загадувањето поврзан со компјутерска програма кој граѓаните ќе може сами да го направат и да го постават пред своите домови или канцеларии и со тоа да добиваат информации за тоа колку е загадено нивното соседство, информира порталот гринбокс.
Во кутиите ќе може да се постават сензори во зависност од тоа кои параметри сакате да се мерат. Сите уреди ќе се поврзани на интернет, ќе се собираат, мапираат и со тоа ќе се има комплетна слика за загадувањето во целиот град. Колку повеќе кутии се постават низ Скопје толку поточна и поцелосна ќе биде сликата за квалитетот на воздухот.
Трошоците за изработка на кутиите се различни во однос на тоа какви сензори корисниците ќе сакаат да постават во нив. Како што велат од „Слободен софтвер“, најевтината варијанта е кутија со можност за мерење на температурата, влажноста на воздухот и бучавата која ќе чини околу 3500 денари. Повеќе чини ако се мери јаглерод диоксид, озон, прашината ПМ10 и ПМ2,5 , сулфурните и азотните оксиди.
Кутија која мери буквално се ќе чини околу 400 евра.
младите добиле и награда за „Метео сензор кутија“ а добиените пари – 1500 евра ќе ги дадат за опремување и поставување на првите 4 кутии.
Извор: greenbox.com.mk