Интерпол ги предупреди националните полициски служби и луѓето во светот за опасноста од измами во врска со епидемијата на коронавирусот.
Според меѓународната организација за криминалистичка полиција, измамници создаваат лажни онлајн продавници за продажба на заштитни маски и други медицински производи.
– Финансиските загуби достигнуваат стотици илјади долари во само еден пријавен случај. Станува збор за меѓународни криминали, -наведува Интерпол.
Криминалците исто така се претставуваат како здравствени службеници, им се јавуваат на луѓе и им даваат лажни информации дека нивни роднина е заболен од коронавирус и има потреба од лекување.
Измамниците користат и лажни пораки, наводно од здравствените власти и испраќани електронска пошта, за да добијат банкарските податоци од „жртвите“.
Интерпол соопшти дека досега им помогнал на национални полиции во 30 случаи на измама, поврзани со коронавирусот во Азија и во Европа, што резултирало со блокирање на 18 банкарски сметки и замрзнување на повеќе од 730.000 американски долари во банкарски трансакции.