Откако пред една недела беше нападнат новинарот Бобан Нонковиќ, денеска надвор пред просториите на Радио Слободна Македонија физички е нападнат новинарот Антонио Димитриевски, а само неколку часа претходно вербално е нападнат и новинарот Јанко Илковски.
Според информациите, додека Димитриевски ја подготвувал својата емисија која оди на радиото, прво бил вербално испровоциран, а потоа и физички нападнат од Никола Наумовски, активист на „Плоштад Слобода“.
Димитриевски го потврди инцидентот и додава дека прво бил испровоциран, а потоа удрен во главата.
-Ме удри во глава и нормално, рефлексна реакција и јас му вратив и дојде до кошкање, влечење и тегнење. Претрчаа од обезбедување од преку улица и тука заврши приказната, вели Димитриевски.
Речиси истовремено со нападот на Димитриевски, пред својот дом вербално е нападнат и новинарот Јанко Илковски.
Според информациите кои ги потврди Илковски, напаѓачот му се заканувал со зборовите „Ќе видиш што ќе ти се случи за еден месец. Ќе те снема. Толку ти животот и толку тие кариерата“.
Илковски пријавил во полиција и тврди дека за инцидентот поседува и снимки.
Ваквите инциденти доааѓат откако пред само една недела дописникот на МИА од Брисел Бобан Нонковиќ, беше нападнат од опозицискиот новинар Петрит Сарачини.
Според Курир истиот Наумовски, пред повеќе од месец дена вербално му се заканувал на новинарот на Сител, Љупчо Златев. „Свињо една, си дошол од Кавадрци тука да ми се правиш главен“, вака Наумовски му се обрати на новинарот на Сител, Љупчо Златев кој професионално следеше настан на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, пишува Курир.