Итни мерки за загадувањето: Учениците на распуст, ослободување на болните и бремените од работа


Итно преземање конкретни мерки ќе препорача до Владата и до локалните самоуправи Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во рамки на своите ингеренции, а во соработка со ресорните министерства, и согласно постојната состојба со квалитетот на амбиенталниот воздух во одредени делови на Македонија, особено во Скопје и Тетово, каде е забележано повеќекратно надминување на граничните вредности на ПМ10 честичките во период подолг од 10 дена.zelezara_zagaduvanje makstil

Ова на прес-конференција го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири кој рече дека мерките се однесуваат на тоа Град Скопје и општината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, а особено околу градилиштата. Државниот инспекторат за животна средина, во соработка со овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори на Град Скопје и другите општини да вршат секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А и Б интегрирани еколошки дозволи, а во соработка со Министерството за здравство да се воведе мерка на сите правни субјекти (работодавачи) во Градот Скопје и oпштина Тетово за ослободување од работни обврски на хронично болни, бремени жени и лица постари од 60 години.

– Во соработка со единиците за локална самоуправа и Министерството за образование да се донесе одлука за почнување на зимскиот распуст за основните и средните училишта на 28 декември. Веднаш да се зголеми фреквенцијата на автобуси и да се намали цената на билетот што би било стимул за користење на јавниот превоз. МЖСПП во соработка со Град Скопје и општина Тетово и Државниот инспекторат во период на алармантната состојба на загадувањето на амбиенталниот воздух да воведат редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа, да се сопрат градежните активности и да е ослободат работниците кои работат на отворено од работните обврски, рече Изаири.

Укажа и на други две мерки за кои, како што рече, ќе треба дополнително вечерва на Комитетот за здравје и животна средина да се дискутираат, а тоа се: за Град Скопје да се воведе мерка во сообраќајот со режимот пар непар и во соработка со единиците на локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика да се препорача децата од предучилишна возраст да не се носат во градинка.

– За ова ќе треба дополнително да се дискутира на Комитетот поради тоа што произлегуваат и други обврски околу тие што се вработени и како ќе се надмине тоа. Ако се донесе одлука на Влада тогаш ќе треба да се почитува, рече Изаири.

Ги наброја и препораките до граѓаните и тоа: се да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време и да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.

Одговарајќи на новинарско прашање, Изаири истакна дека според Законот имаат стратегија која е усвоена на Влада и врз база на тоа ќе произлезе и изработка на планови на локално ниво по која ќе треба да постапат општините.

Потенцира дека досега само општина Битола има изготвено план за управување со амбиенталниот воздух.

– Се подготвува и план за управување со амбиеталниот воздух за град Скопје со ИПА проект кој веќе го започнавме од мај и за градот Тетово, додаде Изаири.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1