Иванов: Да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, испрати честитка по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври – Денот на Mакедонската револуционерна борба.
– Највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. Само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни. 23 Октомври 1893 година е клучен момент во македонската револуционерна борба за остварување на таа возвишена цел. Пред точно 125 години неколкумина храбри Македонци го формираа Македонскиот револуционерен комитет кој на народот му даде надеж дека со свои сопствени сили може да биде свој на своето. Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал, стои во честитката.

Во неа се додава дека денес, нивниот сон за слободна и независна Македонија е реалност. Но, како што се наведува, слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Затоа, обврска на нашата генерација е да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена.

– Во речиси сите одлучувачки моменти од нашата историја, народот носел мудра одлука. Така беше и овој пат. На референдумот одржан на 30 септември народот со негласање јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа. Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапија спротивно на волјата на народот. Потребна е храброст за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата. Храброст што им овозможи на македонските револуционери и борци да го остварат својот сон, се истакнува во честитката.

Се додава дека народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите.

– Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија. Затоа, да не ја губиме надежта и љубовта кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на нашата слобода и нашето човечко достоинство, се наведува во честитиката од претседателот на Република Македонија.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1