Иванов: Не смее да се дозволи целиот товар да паѓа врз Армијата и полицијата


Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница.

Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето по повод одбележувањето на 18 август – Денот на Армијата, осврнувајќи се на неодамнешните поплави кои го зафатија скопскиот регион.ivanov2-1

Иванов упати повик до надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и спасување да постапуваат во согласност со своите законски надлежности.

– Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции, рече во говорот македонскиот претседател.

Иванов додаде дека постојаниот ангажман на АРМ при елементарните непогоди не е трајно решение, дека е неопходна зголемена институционална соработка меѓу институциите на централно и локално ниво и дека не смее да се чека катастрофата да се случи за да се дејствува реактивно.

– Катастрофалните поплави се отрезнувачка опомена. Опомена дека не е доволно само да ги санираме катастрофалните последици. Неопходно е да изградиме култура на отпорност кон ризиците од катастрофи, рече претседателот Иванов.

Тој истакна дека Армијата за помош на граѓаните зафатени во поплавените подрачја и санирање на последиците ангажираше над 2.600 свои припадници и над 200 моторни возила и дека без навремениот и пожртвуван ангажман на Армијата и жртвите ќе беа побројни и загубите ќе беа поголеми.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1