Во тек се консултации со правни експерти за изнаоѓање можно правно решение во врска со одлуката за помилување-ослободување од гонење без спроведување постапка, изјави денеска Ѓорге Иванов.
– Како што најавив во моето последно обраќање, а во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување–ослободување од гонење без спроведување на постапка, во тек се консултации со правни експерти со цел изнаоѓање можно правно решение, наведува Иванов во писмената изјава.
Од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, Иванов информира дека не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката.
– Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение. Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и законите на Република Македонија, вели Иванов.
Како и досега, така и во иднина, посочува претседателот, ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и законите на Република Македонија.
– Во врска со протестите изјавувам дека никому не му е ускратено правото да искаже незадоволство или протест за која било одлука на која било државна институција. Но, во остварувањето на тоа право повикувам да не се нарушува јавниот ред и мир и да не се уништува приватниот и државниот имот, нагласува Иванов.
Република Македонија, како што вели, се соочувала со предизвици и кризи, но секогаш изнаоѓала решенија преку дијалог во институциите водејќи се пред сѐ од интересот на граѓаните и државниот интерес.