Избегната уште една голема трагедија на железничките пруги во Македонија. Истиот експресен воз кој во четвртокот усмрти 14 емигранти вчера пред полноќ удри во уште еден авганистански државјанин. Несреќата се случила во близина на железничката станица Илинден, каде според неофицијални информации група од 70-тина емигранти се движеле по пругата во правец кон северната граница. Најтешко од нив поминал 62 годишен авганистанец кој по ударот од возот бил исфрлен десетици метри настрана и се здобил со тешки телесни повреди. Веднаш по несреќата истиот бил примен на КАРИЛ со повеќе скршеници и во моментов се наоѓа надвор од животна опасност.
Откако ги забележал дека се движат по пругата, машиновозачот веднаш сигнализирал звучно, при што сите освен 62 годишниот авганистански државјанин се тргнале од шините. Неофицијалните информации велат дека најголемиот дел од групата која се движела по пругата, веднаш по несреќата избегале, единствено сопругата и синот на повредениот останале покрај него. Тие во моментов се згрижени во прифатниот центар за странски државјани во Гази Баба.
Луѓето кои живеат во непосредна близина на железничката линија велат дека емигрантите секојдневно поминуваат по пругата. Обично се движат во вечерните часови кога видливоста е намалена.
Вчеравечер полицијата пак спречила уште еден обид за криумчарење на 8 сириски мигранти од пограничното село Богородица. Тие во автомобил со скопски регистерски таблички биле фатени во близина на Градец. Пријавиле дека со нив имало и уште еден мигрант со својата ќерка кои се загубиле, но полицијата околу 10 часот претпладне ги пронашла и сместила во прифатниот центар во Скопје.
Сител.мк