Новиот закон за извршување, кој е во собраниска процедура, предвидува извршителот задолжително пред да блокира сметка писмено да го извести должникот и да побара од него во рок од три дена да го плати долгот, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Комората на извршители на Република Македонија Зоран Петрески.
Ова дејствие, како што појасни ќе овозможи должниците да дојдат кај извршителот и да ги достават податоците кои се бараат од нив со што ќе се намалат трошоците на извршувањето, кои вообичаено паѓаат на нивни товар и воедно ќе бидат во можност да го платат долгот или да предложат средство за извршување кое е поповолно за нив.
Петрески рече дека често во канцелариите на извршителите доаѓале луѓе со блокирани сметки, кои воопшто не биле известени дека се должни. – На овој начин извршителите ќе испраќаат предупредување до должниците и убедени сме дека тоа ќе функционира, бидејќи нашата достава е сигурна и таа нема да биде на товар на граѓаните, истакна тој.
Ова, според Петрески, ќе значи дека граѓаните повеќе нема да ги имаат трошоците за деблокирање на сметка како и дополнителните трошоци, кои чинат и до 1.500 денари, а се однесуваат на податоците што досега извршителот сам ги прибирал од соодветните институции.
Претседателот на КИРМ се надева дека оваа мерка ќе биде најповолна за должниците, бидејќи досега граѓаните најмногу реагирале за блокирањето на сметките.
Со законските измени е предвидена и вонсудска наплата на долговите, кои се однесуваат најмногу на комуналните сметки.
– Комуналните сметки засегаат огромен број на граѓани особено ранливите категории и целта е да им овозможиме пред да бидат тужени да ги сервисираат своите долгови со што во голема мера ќе се намалат тужбените барања и ќе се избегнат непотребните трошоци и на страна на доверителите и на страна на должниците, рече Петрески.
Во однос на постапката за извршување на недвижности, нагласи дека досегашната пракса покажува дека овие постапки се многу долги, при што течат каматите и се зголемува долгот. – Со новото законско решение се скратуваат роковите на проценка од страна на проценителите од 15 на 8 дена и отстранета е можноста за трето јавно наддавање. Се определуваат само две продажби и можност да се намали цената само за една третина и притоа задолжително првата продажба да биде јавна што придонесува кон транспарентноста на овие продажби, рече Петревски.
На новинарско прашање за тестирањето на извршителите на секои седум години со цел да се провери дали еден извршител добро ја владее материјата, претседателот на КИРМ рече дека извршителите добро го знаат законот.
Новиот закон за извршување од Комората на извршители очекуваат да биде усвоен од Собранието на Република Македонија на крајот на јануари или на почетокот на февруари 2016 година.