Неименувано момче на 23-годишна возраст од Германија ја дрогирал својата девојка за да може непречено со својот другар да игра видеоигри. Момчето завршило на суд затоа што на својата (сега веќе поранешна) девојка минатиот август и сипал седативи во пијалакот за да не му пречи додека игра Плејстејшн.
Девојката дошла кај него во моментот кога играл видео игри со пријателот. Бидејќи таа инсистирала сите заедно нешто да прават, тој и сварил чај и го „засладил“ со средство за смирување.
– И ставив можеби само четири или пет капки, не преголема доза – рекло момчето пред судот.
Несреќната девојка во ништо не се посомневала. Таа го испила чајот и набрзо заспала. Спиела од тоа попладне до попладнето утредента, пишува британски „Метро“, а кога конечно отишла на работа, и таму ги чувствувала последиците од средството за смирување.
На момчето му е наредено да плати казна од 500 евра.