СДСМ до Државната изборна комисија поднел приговори за 36 од вкупно 62 избирачки места. За старо-новиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, тоа покажува дека раководството на СДСМ на чело со Бранко Црвенковски, потполно се одлепило” од реалноста. Јакимовски цени дека СДСМ не може да се помири со поразот во Карпош.
– Во првиот круг загубија со 7600 гласови, а во вториот круг 11.000 гласови. Сега како и тоа да не им се верува, па сега поднеле дури 36 приговори и замислете на тие избирачки одбори каде што имаат поднесено приговори на ниту едно место нема свој претставник, затоа што СДСМ во континуитет ги повлекуваше сите оние лица коишто беа на моја страна во цела оваа изборна кампања.
Со ова раководството на СДСМ демонстрира дека е собир на плачковци, илеџии и луѓе коишто немаат никаква врска со реалноста. Не ми е јасно дали сега сакаат да играме во три добиени, мислам дека ги надминаа сите можни граници на коректно однесување и дека овде најмалку се работи за принципиелност туку се работи за своеглавост и инаетење – изјави новоизбраниот градоначалник на Карпош.