Македонскиот бизнисмен Јордан Трајков, сопственик на винарската визба „Попова Кула“ е вториот тужител против Доминик Строс-Кан во аферата со фондот за инвестирање ЛСК од Луксембург, јавува дописникот на МИА од Париз.
Поранешниот меѓународен банкар, според пишувањето на „Паризиен Ожурдуи“ е вториот кој поднесе тужба против поранешниот генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд, кој беше претседател со фондот ЛСК неколку месеци пред објавувањето на нејзиниот банкрот во ноември 2014 година.
Според пишувањето на парискиот весник Јордан Трајков на 5 септември 2014 година купил 8 обврзници од фондот ЛСК по цена од 50.000 евра секоја, односно инвестирал 400.000 евра. Поранешниот банкар, кој сега работи со вино, им забележува на раководителите на фондот дека ја маскирале реалноста.
Адвокатот на Доминик Строс-Кан, Жан Веил, тврди дека неговиот клиент немаше „операционална улога“ и дека и самиот бил измамен во оваа афера.
Јордан Трајков не е единствениот кој сега си ги бара парите назад, вкупно 156 инвеститори бараат да им бидат вратени 100 милиони евра.
Оваа афера се однесува на крајот од 2013 година, Доминик Строс-Кан е назначен за претседател на Фондот за инвестирање ЛСК од Луксембург. Фонд кој сакал да го претвори во Фонд за шпекулации со 2 милијарди долари (1,5 милијарди евра), затоа тој внесува 103 милиони евра со цел да го спаси. Фондот на времето се наоѓа во незавидна положба, вработените зборуваат за сомнителни практики и сметководство од средниот век. Една година подоцна, Фондот во ноември 2014 прогласува банкрот. Властите на Луксембург водат истрага за ЛСК. Доминик Строс Кан во меѓувреме дискретно поднесува оставка, а три дена подоцна неговиот партнер Тјери Лејн се самоубива во Тел Авив.