Само помал дел од 240 милијарди од “програмата за помош”, односно кредитите, кои Грција во 2010. и 2012. година ги добила од меѓународните институции, биле потрошени на ублажување на последиците од финансиската криза од 2008. година, и за реформските програми, пишува Guardian.
Поголем дел од кредитот на крајот го собрале банките, кои на Грција ѝ позајмувале пари пред финансиската катастрофа. За разлика од повеќето европски држави, кои ги зголемиле буџетските дефицити за да ги заштитат пензионерите и социјалните случаи, Атина била принудена драматично да го намали својот дефицит и да ги намали пензиите и минималните плати.
“Тројката” првиот пат “скокнала во помош” на Грција пролетта 2010. година, бидејќи Атина повеќе не можела да го финансира својот долг од 310 милијарди евра, задолжен во главно кај големите европски банки. Две години подоцна, Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка, на Грција ѝ даваат и “втор пакет помош”, наменет за отпишување на 100 милијарди евра долг кон приватните кредотири.
Приватните сопственици на обврзници виделе дека нивната вредност паднала за 53 проценти, па ги прифатиле и дополнителните загуби, заменувајќи го тој долг за други хартии од вредност со помала камата. Со тоа биле елиминирани околу 100 милијарди евра грчки долг, но за тоа да се постигне потрошени биле 34 милијарди – тој износ бил додаден на грчкиот долг.
Грчките пензиски фондови, кои биле голем приватен кредитор, исто така претрпеле големи загуби.
За помош на грчките банки, чија способност да се заштитат себе и депозитите на граѓаните ослабела поради претрпените загуби, искористени биле 48,2 милијарди евра.
Конечно, 140 милијарди од грчкиот долг бил потрошен за плаќање на првобитните кредити и каматите од нив.
Помалку од 10 проценти од парите “програмата за помош” останале во грчките влади за економски реформи и заштита на најзагрозените социјални групи.
Покрај сето тоа, грчкиот долг сè уште изнесува 320 милијарди евра, од што 78 проценти одат кај “Тројката”.
Tocka.com/mk